 |
 |
|
 |
Старата чаршија -фото галерија |
|
|
 |
Историјат |
|
|
 |
Знаменитости |
|
|
 |
Занаети |
|
|
 |
 |
Музеј
на стара чаршија |
|
|
 |
Автори |
|
|
 |
| |
|
| |
| |
|
|
|
 |
Во непосредна близина на Чифте амам се наоѓа уште еден значаен споменик на исламската профана архитектура. Тоа е Сули ан – еден од најпознатите некогашни карван – сараи во Скопје и во неговата чаршија, кој претставува една од најубавите монументални градби настанати во периодот на првата половина на XV век. Неговото име во превод значи “воден ан”.
Изграден е од страна на Исхак – бег, вториот скопски краишки војвода и, можеби, најголемиот легатот на јавни исламски објекти во Скопје. Завештан е како имот на Алаџа џамија. За првпат се спомнува во документите од времето на Иса – бег, син на Исхак – бег, во кој е претставен сумарен преглед на приходите и на расходите на вакуфот на Исхак – бег. Сули ан, заедно со Мурат – пашина џамија и Чифте амам, како што веќе спомнавме, претставувале една урбанистичка целина – тнр. исламска тројка.
Овој објект по своето архитектонско решение е сличен на многу поголемиот и попознат Куршумли ан. Се состои од приземје и кат со масивни ѕидови и сводови. Приземните простории некогаш служеле за сместување стока, а собите на катот за ноќевање на трговците и патниците што престојувале во Скопје. Неговата основа претставува квадрат со ист таков квадратен двор на средината. Околу дворот се наоѓа портик со аркади од кои се влегувало во многубројните засводени мали простории со кои изобилува овој некогашен карван –сарај. Тремот е подигнат на 18 камени столбови, а собите се наоѓале во низ околу сите четири крила на објектот.
Во анот се влегува од двата влеза што се наоѓаат на источната и на западната страна на објектот. Главниот влез се наоѓа на источната страна и некогаш се наоѓал покрај коритото на реката Серава, која денес е покриена и канализирана. И двата влеза бочно се заштитени со редови мали дуќани, така што се добива впечаток дека анот е вовлечен во просторот меѓу малите дуќанчиња. Граден е во сличен стил и со ист материјал како и другите скопски карван – сараи, односно од делкан камен и редови тули поврзани со дебели слоеви малтер.
Во XVI век основната намена на анот била видозменета: долниот и горниот кат биле претворени во дуќани, најчесто сопственост на Евреи.
Не е познато како изгледала неговата првобитна покривна конструкција, бидејќи анот тешко настрадал во големиот пожар 1689 година, што го подметнал австрискиот генерал Пиколомини. Подоцна бил обновен и повторно бил користен за трговска дејност.
По реконструкцијата, по земјотресот во 1963 година кога беше речиси целосно разурнат, Сули ан е пренаменет и сега тука се сместени Факултетот за ликовна уметност и Музејот на Старата скопска чаршија.
|
|
|
|
|