Виртуелна мапа на Старата чаршија
Старата чаршија
-фото галерија
Историјат
Знаменитости
Занаети
Музеј
на стара чаршија
Автори
 
 
 
 
 
Камен мост
   Камен мост, несомнено, претставува еден од најзначајните споменици на културата во Скопје и во Р. Македонија во целина. Се наоѓа во строгиот центар на градот, со векови поврзувајќи ги двата брега на Вардар. Мостот претставува почеток на Старата скопска чаршија гледано од позиција југ-север.


   Во основа постојат две различни мислења за времето на изградбата на мостот. Според едното, тој бил изграден за време на ромејското владеење кон средината на VI век, непосредно по катастрофалниот земјотрес во 518 година, кога бил разурнат античкиот град Скупи. Според другото мислење што се смета за поверодостојно, мостот бил изграден за вереме на владеењето на османлиските Турци во втората половина на XV век, под покровителство на султан Мехмед II Освојувачот околу 1451 и 1469.

   Во историските извори мостот го сретнуваме уште во вакафнамата на Иса-беговата џамија, односно Алаџа (Шарена) џамија, во 874 година по хиџра, односно во 1469 година. Венецијанецот Јакобо Соронце, кој на пат за Цариград поминувал низ Скопје, во 1575 година го опишал мостот како градба од 13 сводови во вкупна должина од 329 чекори (213,85m) и со вкупна широчина од 6,33m.

   Мостот е граден од травертински блокови, мајсторски наредени, врзани со железни кламфи, зацврстени со леано олово и кршен камен и малтер, употребени во внатрешноста на столбовите. Некои од столбовите, меѓу нив и средишниот-кој потсетува на мирхаб, во внатрешноста имаат поголеми просотрии. Тоа е направено за да биде во најголема можна мера намалено оптоварувањето на столбовите и наедно да послужат како пушкарници. Притоа, во украсувањето на фасадите се користени декоративни елементи (тнр. Сталактити) од исламската профана и сакрална архитектура.

   За време на своето повеќевековно постоење мостот бил повеќепати поправан. Најголеми оштетувања претрпел за време на земјотресот во 1555 година, кога биле оштетени 4 столбови. Турскиот патописец Евлија Челебија, кој престојувал во Скопје во 1660/61, го препишал текстот од мермерната плоча поставена на мостот за време на неговото реновирање, кој гласи:
“Кога луѓето го видоа обновувањето, на беспримерниов мост, фалејќи го, рекоа: Многу е поубав од оној што беше порано. Поправката е изврешена со доброволна работа на народот...”

   Според натписот на плочата, поправката на мостот била извршена во 987 година по хиџра, односно во 1579 година.

   Нова интервенција врз мостот била изврешена за време на султан Махмуд II (1808-1839), во 1817/18 година. За тоа постојат пишани податоци според кои реконструкцијата на мостот чинела 28816 гроша и 2 аспри.

   Во 1885 година е извршена поправка на арките и на сводовите од северно-источната страна, при што се употребени тули за сводовите и камени плочи за долните партии на столбовите. Една деценија подоцна, односно во 1896 и 1897 година, ќе бидат изградени заштитни ѕидови на кејот на Вардар, како една од мерките за регулирање на речниот тек во тој дел.

   Мостот се до 1909 година имал огради од камени плочи, кога тие биле отстранети и, по наредба на султан Мехмед V Решад, биле поставени метални конзоли со што било извршено проширување на мостот од двете страни. Со тоа коловозот бил проширен од 6,33 на 9,8m.

   Во 1944 година, пред ослободувањето на Скопје, мостот беше миниран од страна на фашистичките окупатори, но, за среќа, беше спречено активирањето на експлозивот. Но, за жал, на 12 и 13 ноември 1944 година под мостот беше стрелана група невини граѓани од страна на германските сили, при нивното повлекување од градот.

   Камениот мост беше еден од ретките објекти во градот кој не претрпе оштетувања за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

   Во 1992 година започна нова реконструкција на мостот, која сеуште е во тек. Тротоарите врз железните конзоли се симнати, со што е добиена првобитната широчина на мостот, а се во тек откупувањето на затрупаните сводови и нивната реконструкција.
 
 
Погледнете и за...
Куршумли ан

Црква Свети Димитрија

Капан ан

Даут-пашин амам

Безистен

Скопска тврдина Кале

Камен мост

Исхак-бегова џамија

Црква Свети Спас

Мурат-пашина џамија

Саат кула

Султан-Муратова џамија

Мустафа-пашина џамија

Сули ан

Ќосе Кади џамија

Иса-бегова џамија

Чифте амам

Бит-пазар
 
Институт за Информатика
Центар за дигитализација на национално наследство
  Старата Скопска Чаршија - Мелем за душата...