Виртуелна мапа на Старата чаршија
Старата чаршија
-фото галерија
Историјат
Знаменитости
Занаети
Музеј
на стара чаршија
Автори
 
 
 
 
 
Даут-пашин амам
   Во непосредна близина на Камениот мост, односно на самиот почеток на денешнава Стара скопска чаршија се наоѓа познатиот Даут-пашин амам - еден од најмонументалните споменици на исламската профана архитектура и еден од најуспешните јавни градби од раноцариградскиот стил.


   Овој објект е изграден во втората половина на XV век, поточно во периодот меѓу 1489 и 1497 година, како задужбина на тогашниот везир на Румелија Даут-паша, кој бил на служба во Скопје во тој период. Имињата на градителите на ова прекрасно здание не се познати.

   Даут-пашиниот амам во основа има правоаголна форма, со незначителни проширувања на северната и на јужната страна. Неговата архитектура е монументална, градежно беспрекорно изведена со финеси. Ѕидовите се масивни и со минимум отвори во кои, во лачно и архитравно засводените полиња, се сместени прозорците и вратите. Рамните ѕидни платна се ѕидани на декоративен византиски начин со "наизменична употреба на делкан камен, две или три вертикално поставени тули врз два реда хоризонтално наредени, со јасно изразени и пластично моделирани фуги." Малубројните прозорци во долната зона завршуваат во горниот дел со украсни слепи ниши со шилест врв, а во горната зона тие се без ниши, односно со правилна правоаголна форма. Ѕидовите на влезните врати, пак, се изведени со профилирани плочи, а на западната фасада на амамот се наоѓа отвор, врамен во во профилирана мермерна рамка во која стоела плоча со натпис.

   Монументалниот внатрешен простор на амамот е покриен со 13 куполи со различна големина. На западната страна на објектот доминираат двете големи куполи, додека, пак, другите единаесет, различни по големина (три со средна големина, две помали и шест мали) се несиметрично распоредени врз другиот дел на амамот. Куполите се подигнати на тромпи и на ниски полигонални тамбури. Под куполите се наоѓаат 15 поединечни простории, кои се осветлени преку ѕвездестите отвори на куполите покриени со стакло. Ѕидовите во внатрешноста на амамот биле украсени со живописна орнаментика.

   Амамот во правец исток-запад бил функционално разделен на две целосно одвоени крила со по една чекалница и просторија за соблекување и чување на гардеробата. Двете големи сали имале многу убави и богато орнаментирани шадрвани, а помалите простории служеле за парење и капење. Во некои од помалите простории имало курни - мермерни садови во кои се собирала водата за капење. Самата поделба на два идентични дела со иста намена говори дека амамот бил составен од два оддела - машки и женски што овозможувало тој да биде користен истовремено и од мажите и од жените. За таа намена биле изградени и посебни влезови. Така, влезот на западната страна го користеле исклучиво мажите, а за жените бил наменет северниот влез. Влезот на источната страна, пак, го користела послугата.

   Според досегашните сознанија, амамот никогаш не бил пуштен во употреба. За тоа говорат и двете легенди врзаните за амамот. Според едната, за затоплување на амамот биле потребни огромни количества дрва, но со оглед на тоа дека шумата на Водно била речиси уништена, до пуштање на амамот во употреба воопшто и не дошло поради недостиг на огревно дрво. Другата легенда говори дека ќерката на везирот Даут-паша, пред пуштањето во употреба, го посетила амамот: од ѕидовите излегла голема змија - отровница и ја каснала. Таа починала и Даут-паша наредил амамот да се затвори и никогаш да не биде користен.

   Даут-пашиниот амам е остаток и централен објект на некогашната исламската тројка што тој ја сочинувал заедно со одамна непостојните Ибни Пајко џамија и Карван-сарајот. Пред амамот до Втората светска војна постоела познатата Рифаи чешма. Денес Даут-пашиниот амам, од сите страни обиколен со современи градби (подвозникот на булевар "Гоце Делчев" со стоковната куќа "Мост", комплексот повеќекатни стамбено-деловни згради и комплексот на Македонскиот народен театар), за жал претставува само "солитер на монументален споменик".

   Амамот тешко настрадал за време на катастрофалниот пожар во 1689 година и бил препуштен на постепено пропаѓање.

   Во 1948 година се пристапува кон реставрација на овој објект, кој е пренаменет во уметничка галерија. Амамот беше оштетен и катастрофалниот земјотрес во 1963 година, но набргу беше саниран, продолжувајќи да ја врши функцијата на уметничка галерија.
 
 
Погледнете и за..
Куршумли ан

Црква Свети Димитрија

Капан ан

Даут-пашин амам

Безистен

Скопска тврдина Кале

Камен мост

Исхак-бегова џамија

Црква Свети Спас

Мурат-пашина џамија

Саат кула

Султан-Муратова џамија

Мустафа-пашина џамија

Сули ан

Ќосе Кади џамија

Иса-бегова џамија

Чифте амам

Бит-пазар
 
Институт за Информатика
Центар за дигитализација на национално наследство
  Старата Скопска Чаршија - Мелем за душата...